Една од основните функции на секој оперативен систем е организација и управување со податоците сместени на дисковите.
За правилно и ефикасно извршување на сите операции со податоците, тие се организирани во одредени логички структури.
Организација на податоците
Датотеки (Фајлови)
Датотека претставува група на податоци меморирани заедно. Датотеките ги креира корисникот, но може да бидат креирани и од оперативниот систем или од програма.
Корисникот ги креира датотеките во некоја програма.
По креирањето, ако се меморираат, на датотеките им се доделува адреса.
Адресата се состои од локацијата и од име на датотеката. Локацијата и името ги избира корисникот. Локација е адресата на папката (фолдерот) во кој е сместена датотеката.
Вообичаено до името на датотеката се прикажува наставка одделена од името со точка.
Наставката обично ја доделува програмата во која е креирана датотеката. Таа претставува кратенка од најчесто 3 знака.
На пример, Sonce.bmp е датотека со име – Sonce и наставка – bmp.
Според наставката може да се препознае од какви податоци е креирана датотеката, во која програма е креирана и со која програма би можела да се отвори и види нејзината содржината.
Може ли да се отвори и слуша песна со програма за цртање?
Понекогаш еден датотека може да се отвори во повеќе програми, а не само во програмата во која е креирана.
Не може да има две датотеки со иста адреса. Може да има две датотеки со исто име, но на различна локација.
Некои наставки за фајлови кои често се употребуваат се:
• txt, doc, pdf, odt за текстуални фајлови,
• jpg, gif, bmp за графички фајлови,
• wav, mp3, ogg за аудио фајлови,
• avi, mov, mpg, rm за видео фајлови,
• htm, html за веб фајлови,
• exe, bat, sh за фајлови кои стартуваат програми,
• rar, arj, bz2, zip, gz за спакувани податоци - архиви.
ФОЛДЕРИ (ПАПКИ)
Фолдери се електронски папки во кои се групираат и подредуваат датотеки(фајлови) и други фолдери.
Фолдерите ги креира корисникот, но може да бидат креирани и од оперативниот систем или од програма.
Фолдерите уште се викаат и директориуми или именици.
При креирањето, на фолдерот му се доделува адреса. Адресата на фолдерот се состои од локацијата на фолдерот и неговото име.
Фолдерите се организирани во посебен логички систем т.н. систем од фолдери (папки).
Овој систем има т.н. структура на дрво.